Актуелно

Програма за 2017

Оваа програма на Советот на Млади беше одобрена и изгласана на седницата на Советот на Општина Центар одржана на 09.12.2016 и нејзина основна цел е да се постигне врска помеѓу младите жители на општината и Општина Центар со помош на локалниот младински совет, кој преку разни активности ќе се обиде да им се приближи на младите и ќе им овозможи лесна комуникација со општинската администрација. Покрај ова, Програмата предвидува неколку активности кои ќе се однесуваат на понатамошниот развој на младинскиот совет, не само на овогодинешните планирани и тековни активности.

Посебни цели:

  • Запознавање на младите со тукушто навршени 18 години со некои нивни основни права и обврски преку различни проекти и обуки
  • Подигање на свеста на младите во основно и средно училиште за разни секојдневни теми и области
  • Поттикнување на младинско претприемништво кај оние со веќе завршено средно и високо образование и запознавање на помладите со поимот и можностите кои се добиваат со тоа
  • Собирање конкретни материјали и прирачници и градење капацитети за идните членови на Извршниот одбор на Советот на млади

Опис на активности:

1. Првпат гласам
Предлог-проект на Советот на Млади на Општина Центар и именоби биле опфатени сите средношколци од средните училишта на територијата на општината кои се 4та година и кои имаат или ќе наполнат 18 години, а со тоа и за првпат ќе имаат право на глас. Сепак, младите кои првпат гласаат често се незапознаени со гласачкото право и сите негови аспекти. Затоа, Советот на млади во соработка со невладините организации-членки на Локалниот младински совет, има план да го спроведе овој проект како би ги збогатил знаењата, и практично, би ги описменил младите за нивните политички права кои допрва ќе имаат шанси да гласаат. За изведување на овој проект, потребна е финансиска поддршка од Општина Центар. Уште еден предуслов е дозвола од Град Скопје за влез во средните училишта кои се под ингеренција на Градот.


2. Сексуално образование во деветолетка, конкретно деветтодделенците
Согласно истражувањата на многубројни организации чии примарни дејности се здравје, венерични болести, сексуално образование итн. , се понизок е просекот на години на кои младите луѓе почнуваат со сексуални активности. Сепак, во нашата држава за разлика од вероисповеста, сексуалното образование, па и општо сексуалноста, е нешто што се гледа како табу-тема. Младинскиот совет на Општина Центар смета дека ова не треба да е случај и дека младите луѓе конечно треба да почнат да добиваат знаење за она што го практикуваат, како би биле свесни како за убавите страни на сексуалните активности, така и опасностите и за превенцијата од нив. Младинскиот совет смета дека е Општина Центар е погодно место за започнување на ваков вид на образование, особено затоа што може да се каже дека нашата општина е еден вид на исклучок кога се работи за стереотипното и многу често конзервативно размислување.
Советот на млади би започнал со предавања во основните училишта низ општината во соработка со невладината организација- член на Локалниот младински совет Х.Е.Р.А, која што има капацитет и големо искуство за спроведување на ваков тип на обуки. Во секое основно училиште би се одржале по 8 предавања на сите 9ти класови, што значи по две предавања месечно за сите деветтодделенци (со оглед на тоа дека второто полугодие започнува во месец февруари, а завршува на почетокот на јуни, што значи дека во јуни не би имале предавања). За отстварување на истово, освен финансиска поткрепа, ќе биде потребна и дозвола од Општина Центар и од директорите на основните училишта на нејзина територија.


3. Филмско образование во средните училишта на територија на Општина Центар
Модерните времиња носат и современи извори на влијанија, па и современи извори на образование и општо, информации. Имено, младите, особено на средношколска возраст, информациите, образованието и влијанијата ги добиваат многу почесто и многу повеќе од филмови наместо од книги. Општо, младите многу почесто гледаат филмови отколку што читаат книги. Доколку направиме некаква аналогија, можеме да кажеме дека како што постојат класици на светската литература, така постојат и класици на филмската индустрија, филмови со исклучителни пораки како за појави кои се глобални, така и за регионални, па дури и „овдешни“. Сепак, неретки се случаите во кои младите не ги разбираат пораките, или уште полошо, погрешно ги интерпретираат, па така се угледуваат на карактери-негативци, поврешни вредности и погрешни појави. Неретко се случува и филмовите кои се критика на одреден општествен проблем, дали во вид на драма, трилер или пак комедија-сатира, погрешно се интерпретираат и пораката се извитоперува, па меѓу младите се јавуваат токму најголемите негативци како идоли.
Затоа, сметаме дека е соодветно да младите добиваат образование во однос на филмовите кои се „тренд“. Освен филмски проекции, интерактивните проекции ќе содржат и дискусии, мислења од предавачи, филмски критичари и се разбира, најмногу од партнерот на оваа активност на Младинскиот совет, младинци од Факултетот за драмска уметност.Активностите би се одвивале во зависност од средствата кои би ги добиле од Општината. Пожелно би било ,барем во секое средно училиште на територија на Општина Центар да се одржуваат вакви „проекции-предавања“ барем еднаш месечно. За да се спроведе оваа активност, освен средства од општината, ќе биде потребна и дозвола од Град Скопје како и директорите на средните училишта за влегување во истите.


4. Центар за претприемништво
Проектот е започнат во 2016 година и воедно, е планирано да продолжи и во наредната 2017, а и како годишна традиционална активност на Младинскиот Совет. Во текот на еден месец како и во текот на годината се одржуваат по 3 обуки кои се со цел да се постигне некој степен на познавање околу младинското претприемништво и со тоа познавање учесниците, кои се пријавени на претходно објавен конкурс, да можат да изработат бизнис план кој потоа може да биде награден во конкурсот кој се јавува како кулминација на претприемничкиот месец. Наградата е во износ од 30.000,00 ден. по лице, а право на учество имаат лица кои се на возраст од 18 до 30 години, жители на општина Центар и присутни на сите три обуки одржани во склоп на проектот.


5. Основно претприемништво
Предлог-проект на Советот на Млади на Општина Центар кој е наменет за учениците од сите 9ти одделенија од сите основни училишта кои се наоѓаат на територијата на општината, кои ќе добијат предавања за основите на претприемништвото. Предавачи со кои Советот на млади соработуваше во рамки на проектот „Центар за претприемништво“ ќе се обидат да им ги доближат идеите и насоките на претприемништвото на учениците. Целта на овие предавања е младите, се уште основци, да добијат основни познавања на претприемништвото како современ концепт на работење и заработување, како би имале претстава што тоа значи претприемништвото и дали е тоа нешто што би сакале да го усовршат со понатамошното образование или не.


6. Градиме капацитети
Интерен проект кој ќе подразбира собирање на сите досегашни материјали кои ни биле понудени во текот на обуки од разни организации и институции, а кои би помогнале во креирање на полесен почеток за оние кои ќе дојдат како наши и наследници на оние понатаму во континуираната работа на Советот на Млади.


7. Дуел
Предлог проект на Советот на Млади на Општина Центар. Во рамки на овој проект, Советот ќе организира двапати месечно дебата, спротивставување на два различни концепти од областите на политиката, економијата, книжевноста итн., односно сите области кои се од интерес на младите. На овие дебати Советот ќе се потруди да учествуваат што повеќе професори, експерти и други јавни личности, со цел промовирање на дебатата на културно ниво, со судирање на аргументирани видувања. Мислење на Советот е дека концептот на едно културно,, нормално, здраво-разумско судирање на аргументите на две спротивставени мислења и/или концепти е запоставено, односно дека просторот во јавниот дискурс е заробен на примитивни дискусии на кои повеќе се разменуваат навреди отколку аргументи. Овие дуели би се организирале во Канцеларијата за Млади на Општина Центар.


8. Запознај го Центар
Проект кој ќе се однесува на директно насочување на младите кон секој сектор од општината. Со отварање на отворен ден, еднаш месечно во текот на целата година, посветен на практично запознавање со работата на општината и насочување кон потребните сектори во конкретни случаи, ќе може да се воспостави врска меѓу младите и општината со директно посредништво од страна на Младинскиот Совет.

Powered by themekiller.com